Nikola Madzirov

 

 

 

СЕНКИТЕ НÈ ОДМИНУВААТ

 

Еден ден ќе се сретнеме,

како бротче од хартија и

лубеница што се лади во реката.

Немирот на светот ќе

биде со нас. Со дланките

ќе го помрачиме сонцето и со фенер

ќе се доближуваме.

 

Еден ден ветрот нема

да го промени правецот.

Брезата ќе испрати лисја

во нашите чевли пред прагот.

Волците ќе тргнат по

нашата невиност.

Пеперутките ќе го остават

својот прав врз нашите образи.

 

Една старица секое утро

ќе раскажува за нас во чекалната.

И ова што го кажувам е

веќе кажано: го чекаме ветрот

како две знамиња на граничен премин.

 

Еден ден сите сенки

                               ќе нè одминат.

 

 

ДОМ

 

Живеев на крајот од градот

како улично светло на кое никој

не му ја менува светилката.

Пајажината ги држеше ѕидовите заедно,

потта нашите споени дланки.

Во преобразбите на невешто соѕиданите камења

го криев плишаното мече

спасувајќи го од сонот.

 

Деноноќно го оживував прагот

враќајќи се како пчела што

секогаш се враќа на претходниот цвет.

Беше мир кога го напуштив домот:

 

гризнатото јаболко не беше потемнето,

на писмото стоеше марка со стара напуштена куќа.

 

Кон тивките простори од раѓање се движам

и под мене празнини се лепат

како снег што не знае дали на земјата

или на воздухот припаѓа.

 

 

ПРЕД ДА СЕ РОДИМЕ

 

Улиците беа асфалтирани

пред да се родиме и сите

соѕвездија веќе беа формирани.

Лисјата гниеја

до работ на тротоарот.

Среброто црнееше врз

кожата на работниците.

Нечии коски растеа низ

должината на сонот.

 

Европа се обединуваше

пред да се родиме и косата

на една девојка спокојно

се ширеше врз површината

на морето.

 

 

КОГА НЕКОЈ ЗАМИНУВА

СÈ ШТО Е СОЗДАДЕНО СЕ ВРАЌА

 

                                         На Марјан К.

 

Во прегратката зад аголот ќе препознаеш

дека некој некаде оди. Секогаш е така.

Живеам меѓу две вистини

како неонка што се колеба во

празен ходник. Моето срце собира

сè повеќе луѓе, зашто нив веќе ги нема.

Така е секогаш. Четвртина од будноста

ја трошиме во трепкање. Нештата

ги забораваме уште пред да ги изгубиме –

тетратката по краснопис, на пример.

Ништо не е ново. Седиштето во

автобусот е секогаш топло.

Последните зборови се пренесуваат

како накосени кофи во вообичаен летен пожар.

Утре пак ќе се повтори истото –

лицето пред да исчезне од фотографијата

првин ќе ги изгуби брчките. Кога некој заминува

сè што е создадено се враќа.

 

 

ПО НАС

 

Еден ден некој ќе ги здипли нашите ќебиња

и ќе ги прати на хемиско чистење

од нив да го истрие последното зрнце сол,

ќе ги отвори нашите писма и ќе ги реди по датуми

наместо по исчитаност.

 

Еден ден некој ќе го размести мебелот во собата

како шаховски фигури на почеток од нова игра,

ќе ја отвори старата кутија за чевли

во која ги чуваме паднатите копчиња од пижамите,

недотрошените батерии и гладта.

 

Еден ден ќе ни се врати болката во ‘рбетот

од тежината на хотелските клучеви и

сомнежот со кој рецепционерот ни го подава

далечинскиот управувач.

 

Туѓите сожалувања ќе тргнат по нас

како месечина по заталкано дете.

 

 

МНОГУ НЕШТА СЕ СЛУЧИЈА

 

Многу нешта се случија

додека Земјата се вртеше врз

Божјиот прст.

 

Жиците се ослободија

од далноводите и сега

сврзуваат љубови.

Капките од океанот

нестрпливо се таложеа врз

ѕидовите на пештерите.

Цвеќињата се одделија

од минералите и тргнаа

по мирисот.

 

Од задниот џеб се разлетаа

ливчиња низ нашата прозрачна соба:

безначајни нешта кои никогаш

не би ги направиле доколку

не ни беа запишани.

 

 

 

 

 

 

 

 

____________________________________________

 

Никола Маџиров (поет, есеист, преведувач) е роден 1973 г. во Струмица,  Македонија. Неговата поезија е преведена на триесет јазици и објавувана во списанија и антологии во Европа, Азија и Америка. За поезијата од книгата „Преместен камен“ (2007) ја добива европската поетска награда „Хуберт Бурда“ за автори од Централна и Источна Европа, како и најпрестижната македонска поетска награда „Браќа Миладинови“. За книгата „Заклучени во градот“ (1999) му е доделена наградата „Студентски збор“ за најдобра дебитантска книга, а за книгата „Некаде никаде“ (1999) наградата „Ацо Караманов“. Според неговите стихови музика компонирал авангардниот американски џез-композитор и саксофонист Оливер Лејк (Oliver Lake), соработник на Бјорк (Björk) и Лу Рид (Lou Reed).  Никола Маџиров настапувал на многубројни книжевни фестивали и добитник е на неколку меѓународни награди и стипендии: „International Writing Program“ (IWP) на Универзитетот во Ајова во САД; „Literarisches Tandem“ во Берлин; „KultuKontakt“ стипендијата во Виена; „Internationales Haus der Autoren“ во Грац; „Literatur Haus NÖ“ во Кремс и „Villa Waldberta“ во Минхен. Координатор е за Македонија на светската поетска мрежа « Lyrikline »

Articles similaires

Tags

Partager