Denisa Duran

 

Denisa Duran

 

(Романија)

 

 

 

Сѐ уште сум млада

 

 

Семка поставена на топло

 

 

Со постела среде собата

 

Спијам

во една соба,

во една куќа,

кајшто сите ме игнорираат.

Саноќ

вратите се отвораат и затвораат

крај мене,

катаден го поднесувам

чкрипењето на вратите

и цапањето на чекорите.

Заглавена сум на оваа раскрсница

со постела среде собата,

небаре е зебра.

Погледите на минувачите

што ги впива мојот заспан лик,

мојот лик валкан од сни,

насмеан ( в сон) или накострешен…

 

 

 

Непоправливо

 

Непоправливо

моето тело

е полица од која секојдневно се удира бравата на вратата.

 

 

 

Одлепен полека  

 

Телото и се испружаше

здрвено

по запалката,

неговите волни раце

ја допираа со секој

понуден оган.

После некое време

телото и се одвои

од сопствените контури,

кон него,

како лист хартија

одлепен полека –

првин градите

и половиот орган

божем врв на копје

влечејќи го зад себе

целиот труп.

 

 

 

Моите пети

 

Се уште сум млада,

се уште можам да ги гледам од автомобилот

работниците на работ од патот

што стојат безработно.

Чекаат

земјата да се стресе,

рапавите кори да се подујат

и сами од себе да никнат

мостови и патишта.

Можеме да чекаме заедно –

моите пети се

млади

и се уште

еластични.

 

 

 

Сѐ уште сум млада, сакан мој

 

Сѐ уште сум млада, сакан мој –

I’m still young –

можеме да се подложуваме

на комплетни медицински испитувања;

на 30-годишна возраст

болни се речиси

сите наши пријатели.

Сѐ уште имам време

да се испружам полека

врз тесниот, метален кревет

во апаратот за магнетна резонанца,

повикувајќи го Бога

крај себе.

 

 

 

Вечерта кога

 
…вечерта кога водевме љубов

во кујната

и решивме

да ја поштедиме ситната,

жолтеникава лебарка

што полека се јазеше по плакарот.

 

 

 

Ја тргам земјата со раце

 

 

Го рамнам гробот

 

Го рамнам гробот,

го корнам плевелот,

ја тргам земјата со раце

небаре е ќебе,

во обид да ги разбудам.

 

 

 

Детство – refresh

 

Нуркам во езерската светлина.

Ловам

слики во боја.

Детство –

refresh.

Над зелените планини

се спушта магла,

во нејзината внатрешност

сѐ е јасно и видливо.

Зад себе оставив избрчкани луѓе

со издолжени очи,

унесреќени,

во градот

кајшто железничката пруга

ги дели гробиштата на два дела.

 

 

 

Можеше да не умре

 

Таткото почина…

Беше среде повеќе љубови,

среде љубовни страни

(како кога касаш повеќе залаци од едно јаболко).

Не знам зошто умре!

велеа (сите тие) на крајот.

Беше силен човек

(беше работлив, спортуваше,

дури и боксуваше

кога беше млад!…)

Ама не водеше сметка за себе!

Воопшто не водеше сметка за себе!

Воопшто не му беше грижа за себе

во последно време!

Можеше уште да поживее!

Можеше да не умре!

МОЖЕШЕ

ДА НЕ УМРЕ

ако сакаше…!

 

 

 

Готов да падне

 

Како околу празен гроб

луѓето стојат и разговараат

за својот живот

готов да падне во него.

 

 

 

Препев од романски: Лидија Димковска

 

 

 

 

 

 

 

 

____________________________________________

 

Дениса Дуран (Дебиса Мирена Пишку) е романска поетеса и преведувачка која живее и работи во Букурешт. Родена е во семејство на писатели во 1980 година. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Букурешт, а магистрирала на тема за звуковната поезија. Има работено како новинар, уредник и преведувач за многу списанија. Од 2007 година работи во Романскиот културен институт во Букурешт, институција специјализирана за промоција на романската култура и организатор на многу манифестации и културни соработки.

Нејзината прва збирка поезија „Фуфи и механичкото“ се појави во 2003 година и ја освои наградата за најдобро дебитантско дело на Друштвото на писатели на Романија. Нејзината втора збирка песни „Луѓе за една употреба“  излезе двојазично, на романски и англиски. Во 2012 година ја објави третата збирка поезија „Се уште сум млада“. Нејзината последна книга песни „Ми се спие но ти правам друштво“ се појави во 2014 година со илустрации од уметничката Флореа Тутујану.

За поезијата на Дениса Дуран има преку дваесет критики, а нејзиното творештво било вклучено во пет студии на современата романска литература. Таа има учествувано на многу фестивали и претставувања на романската поезија во странство.

 

 

Articles similaires

Tags

Partager