Кире Неделковски

 

Kiré-Nédelkovski

 

(Македонија)

 

 

 

Морето

 

Совршена жена е

Која знае топло да говори

И да молчи.

Никогаш

Не ги кажува своите години,

А те предизвикува

Да се враќаш

Постојано

Во Длабочините.

Верност е тоа

Божја навика

Да имаш потреба

Од топлина.

Лек е

За ублажување

На изморените очи

Кои ја напуштиле

Татковината

За да бараат

Свое Море.

 

 

 

Коњи во ливадата

 

Ги сонувам со години

Како ми доаѓаат

Во Бетонскиот град

И ми ги одмораат очите

Ми шепотат во мислите

Како посакувана слобода.

Ме потсетуваат

Каде сум бил

И што сум видел

И дека животот е само

Јавање на времето

Додека можат да истраат

Шарените соништа

Во мене

И со мене.

 

 

 

Копнеж

 

Копа

Во душава

Некаков

Немир

Тежи

Како камен

Невидливата

Сила

Станува

Нежност

И ме

Насочува

Кон неа

За да ја чувам

И

Остварам

Намерата.

Бара

Божја верба

Да си ја

Вратам

Младешката енергија –

Ветувањето

Дека ќе си го допијам виното

Во родната куќа.

 

 

 

Задоволства

 

Зашеќерени мисли

Ме задеваат ме залажуваат

Ме заведуваат ме залудуваат

И душава постојано ми ја полнат

Со плодни помисли

Дека можам

Сè

Да си дозволам и добијам

Во сопственава глава –

Држава од зборови.

Да понудувам

Секаде и секогаш

Друг Живот зад Животот

Како Засолниште и утеха

За сите тажни и осамени луѓе

Кои сакаат слободно да

Продолжат да живеат

Здраво и долго

Забавно и задоволно

Да опстануваат и понатаму

Од своите размисли

 

Во своите духовни Домови.

 

 

 

Нашата судбина

 

Ние сме идеи и мисли

Се движиме брзо меѓу народот.

Светов ни е одамна мал

Преминуваме и Горе и Долу

Пребаруваме на сите страни

Можно и Неможно

Видливо и Невидливо

Важно и безначајно

Проверуваме

Сè и сешто.

Вешто Влегуваме

Каде ќе посакаме –

Невидливи стануваме

И лесно ни е да споредуваме

Да согледуваме мудрости –

Скриени Понорници

Кои ќе нè бранат

И ќе го докажуваат

Нашето

Постоење

Низ времето

 

Низ новата технологија.

 

 

 

Ноќен лет ми е животот

 

Најлесно летам со мислите

Се возбудувам се охрабрувам

За секоја дестинација

Си наоѓам оправдување и причина

Да долетам до следното задоволство.

Проверувам разни Извори

Зборови одамна запишани

Заборавени и избришани

Од правот на времето

Од густата кал на историјата

Препишувана и допишувана

За малото да изгледа големо

А големото да се претвори во лажно.

Тажно е и тешко е

Кога ќе се открие вистината

Зафрлена и закопана

Во многуте Гробишта од книги.

Ги откривам своите стари пријатели

Со кои сум растел меѓу страниците

Патувајќи љубопитно

Ноќе

Над нови мориња

Над нови континенти

Од сознанија

Каде се собираат починатите творци

На тркалезната трпеза – невидливата Планета

Создадена само за нив

За да ги разменат големите разлики

И размисли

Меѓу можното и безмерното во душите.

 

 

 

Некој ме барал

 

И

Ме нашол во песните

Од едниот крај на светов

До другиот

Ме имало

Во компјутерите

Сум бил

Невидлив Патник.

Сакал

Во душава да ми влезе

И да ја

Провери

Длабочината

И енергијата

На

Изворот

Кој не

Пресушува,

Ами само Кружи

Меѓу народите и времињата

Како Слуга им служи

Да си го Осветлат животот.

 

 

 

Моите мостови

 

Од размисли се создавани

Затоа се толку издржливи

Затоа се заштитени

Долги колку што сакам

Невидливи колку што молчам.

На нив не се плаќа мостарина

Во двата правци

А преминуваат многу луѓе

И живи и мртви

Мои пријатели и непознати

Кои тргнале Некаде

За да си го скратат Патот

И да гледаат убави предели

Кои ги потсетуваат на младоста

Кога биле силни и здрави.

Моите мостови се горделиво Градени

Меѓу разиграни реки и мориња

За да поврзуваат континенти

Живи и мртви Метрополи

Со свежи информации

Од овој и Други светови

Поврзуваат Потреби

За да се разменуваат

Совети од многу векови

И

Мудрости од многу мислители.

 

 

 

Мост од мисли

 

Долг е колку што сакам да биде

Невидлив и мистериозен

Премин

По овој и кон Оној свет

Спој

На сите култури и желби

На сите религии и верувања

И над сите

Реки и пречки.

Цврст е колку што сакам да биде

И подвижен е каков што сум јас –

Духовна Инсталација

По која можам да Пренесам

И важно и тажно.

Ако некогаш го срушам

Нема да знае никој

Каде бил

И до каде сум бил

Преку

Невидливиот Премин.

 

 

 

Можен мост

 

Мерам меѓу мислите и меѓу мераците

Премерувам со размислите и со умот

Долг да е и

Широк да е и

Светски

Космички

Корисен

Убавец

Цврст

Жив

Наш

Мој

Мост

Мост

 

 

 

Возбудениот поет

 

Тој добро си знае

Кога е Повикот вистинит

И тргнува будно кон него

Да го види и допре

Чудото

Кое му ја разбуди душата

Му ја вознемири жицата

Меѓу мислата и раката.

Сака сè да запише

Да провери и измери

Длабочина и тежина

На зборовите кои останале

Како материјал за Градење

На новиот Град од стихови

На брегот од езерото

На брегот од времето.

Вознемирениот поет си знае

Што оживеал

За да се бранат еден со друг

Од новите цврсти Бедеми

Да се довикуваат

Од едниот до другиот

Век.

 

 

 

Возбудите градат пирамиди

 

Се

топи

светов

уплашен

од возбуди

се претворил

во мали калапи

од мисли и време

невидливо што врти

и се пласти насекаде

како нов бел материјал

изложен за да го гледаат

НОВИТЕ ГРАДИТЕЛИ НА СНИШТА

СЛЕДНИТЕ СОЗДАВАЧИ НА НЕШТА

 

 

 

 

 

 

 

 

____________________________________________

 

Био-библиографија

 

Кире Неделковски е роден на 28.09.1954 година во Битола. Поезија објавува од 1972 година. Заврши Педагошка академија, група македонски јазик. Од 1981 година беше повеќе пати уредник во списанијата: „Развиток“, „Стожер“ и „Раст“. Беше секретар за меѓународна соработка во ДПМ, а со формирањето на „Битолскиот книжевен круг“ е негов секретар.

 

Автор е на стихозбирките:

  • Потреси, КММ, 1982
  • Прав, Млад Борец, 1986, анонимен конкурс
  • Слоеви, БИД Мисирков, 1989
  • Душа, Ѓурѓа, 1992, награда Ѓурѓа
  • Некои нешта, БИД Мисирков, 1994
  • Безмерно, Macedonia Prima, 1997
  • Излегување од времето, ИД Развиток, 1999
  • Чуда, двојазичен поетски избор на македонски и аромански, Унија на Власите од Македонија, 2000
  • Откопано вино, двојазичен поетски избор на македонски и француски, Матица македонска, 2000
  • Судбини и соништа, Макавеј, 2004
  • Чест, Дијалог, 2008
  • Потреби, Дијалог, 2010
  • Дигитална димензија на душата, компакт-диск, БКК, 2011
  • Задоволства од зборови, БКК, 2011
  • Моите мостови, БКК, 2012
  • Возбудата е вода, БКК, 2013
  • Залив за задоволства, Матица македонска, 2014

 

Преведуван е на англиски, француски, аромански, турски, српски и словенечки јазик.

 

Articles similaires

Tags

Partager